Канадските служби градат втора брана на реката Северен Саскачивен за да ја запрат нафтената дамка која успеала да ја помине првата преграда, пренесува Ројтерс.
Постои опасност излевањето да ја загади водата за пиење во неколку градови покрај речниот брег. Градот Северен Батлфорд веќе го исклучил снабдувањето со вода од реката и се префрлил на бунарска вода.
Вкупно 1.572 барели сурова нафта се излеале од нафтовод на компанијата Хаски Енерџи од градот Калгари. Нафтоводот е веднаш затворен за да се запре истекувањето. Портпарол на компанијата изјавил дека ќе се спроведе темелна истрага за да се утврди како се случил инцидентот, додавајќи дека досега не биле регистрирани штетни последици врз живиот свет и врз водните живеалиишта.
Истекувањето се случило на 600 метри од реката. Но следниот ден, поради повисокиот водостој, таа повлекла голем дел од истечената нафта. Берт Вест, надлежен службеник за нафта и гас од локалните власти, изјавил дека е премногу рано да се пресметуваат трошоците за чистење.
- Досега не сме имале вакво истекување. Но во овој момент не се грижиме за трошоците - додал Вест.