Нов софтвер ќе ја пресметува загаденоста на воздухот во Бугарија во број на испушени цигари.
Ова го соопштил Генади Кондарев од организацијата „За Земјата“ на јавна расправа во врска со проблемот со квалитетот на воздухот во бугарските градови.
Калкулаторот треба да биде изработен до крајот на јануари и ќе дава паралела меѓу количеството на честички ситна прашина во воздухот (ПМ 10 и ПМ 2,5) и еквивалентниот број на испушени цигари, во однос на влијанието врз здравјето на човекот. Ќе се користи во сите градови и места каде што има мерни станици за загадувањето на воздухот. Методологијата, како што објаснуваат од организацијата, е изработена на Универзитетот во Беркли, САД, и е веродостојна.
Целта на овој софтвер е да ја зголеми информираноста на граѓаните за тоа колку е сериозен проблемот со загадениот воздух и колкави последици тој има врз здравјето. Бугарија е постојано на првите места во Европската унија по загаденоста на градовите. Затоа, како што вели Кондарев, важно е луѓето да ги знаат ефектите од тоа.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS