Откако тече 19 километри по земја, реката Буна извира на површината на 12 километри од Мостар, кај местото Благај. Тоа создава спектакуларна глетка која привлекува огромен број туристи, а претставува и еден од најголемите слатководни извори во целиот регион.
Над самиот извор се наоѓа зачувано дервишко теќе, заштитен споменик на културата.
Текот на Буна е долг само девет километри на површината, и потоа се влева во Неретва кај истоименото место. Токму таму се планира изградба на две мали хидроцентрали, Буна 1 и Буна 2, проект на инвеститорот „Херцеговина - градежно занаетчиство“. Надлежните институции на Босна и Херцеговина веќе издале еколошка дозвола, но 19 организации се кооординираат и се обидуваат да го оспорат проектот по судски пат.
- Студијата е направена површно и без никакви важни анализи, а податоците се многу стари, некои дури 60 години. Не е земена во предвид близината на локалното население што тука живее со векови и многу пати се соочувало со поплави, а овие проекти само би го влошиле тоа. Треба да се земе во предвид и уништувањето на споменикот на природата, бидејќи сливот на Буна во Неретва е заштитен од втора категорија, а целиот тек на Неретва во општината Мостар е ставен под трета категорија заштита. Ова е локалитет од непроценлива вредност за Херцеговина. Има опасност и од уништувањето на ендемските видови што се заштитени во Босна и Херцеговина, а на овој локалитет има вкупно 22 такви видови - вели Оливер Араповиќ од здружението Мајски цвет, една од организациите што ја туркаат иницијативата.
Според Араповиќ, хидроцентралите ќе бидат исплатливи само за инвеститорот, а на штета на сите што од своите месечни сметки за струја плаќаат субвенции за нив.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS