Активистите за заштита на морските крави алармираат дека огромен број од овие големи водни цицачи се убиени поради судар со бродови годинава.
Тие се надеваат дека со зголемувањето на јавната свест и со други мерки, сепак е можно ова да не биде најлошата година за овој животински вид. Комисијата за заштита на рибите и на живиот свет на Флорида до 22 јули годинава регистрирала 71 случај на морски крави убиени со бродови.
Најсмртоносната година за видот била 2009, кога биле регистрирани 97 случаи, па активистите укажуваат дека тој рекорд многу веројатно ќе се урне ако продолжи сегашниот тренд.
Според Клубот за заштита на морските крави, опоравувањето на американската економија, поевтинувањето на горивата, како и поволните временски услови придонеле годинава да има многу повеќе пловидба околу Флорида во однос на порано, па тоа довело и до зголемување на бројот на морски крави удрени од бродови. Џим Калвин, претседател на здружение на љубители на пловидбата, изјавил дека проблемот е можеби во тоа што бројот на морските крави се зголемил до максималниот капацитет. Но надлежните служби го отфрлиле тоа тврдење, укажувајќи дека нема докази за него.
Во водите покрај Флорида живеат само околу 6.000 морски крави. Нивната бројка е значително зголемена од пред неколку децении, кога биле ставени под заштита. Се верува дека освен тие што се убиени од бродови, уште околу 150 годишно умираат поради недостиг од храна, бидејќи цутењето на алгите придонесува да се намалува количеството на морските треви што им се главен извор на исхрана.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS