mksqen
26
Пет, Апр
0 Нови / 7 дена

Растот на морското ниво може да биде многу поголем од очекуваниот

Растот на морското ниво може да биде многу поголем од очекуваниот

Типографија

Нивото на светските мориња може да порасне за цели шест метри во наредните векови, дури и ако светските влади успеат да ги спроведат мерките за ограничување на глобалното затоплување. Ова го тврди група научници врз основа на наодите за нивоата на светските мориња во дамнешните топли периоди на планетата.

Морското ниво во изминатите 100 години порасна за околу 20 сантиметри поради топењето на мразот од Гренланд и од Антарктикот. Многу научници претпоставуваат дека растечките температури на планетата се причина за се побрзото топење.

Една нова студија покажала дека пред околу 125 илјади години, кога последен пат на Земјата немало мраз, температурите не биле различни од денешните. Претходно се верувало дека тогаш планетата била потопла за два степена, но со новото истражување се тврди дека било речиси исто.

  • Трендот е загрижувачки бидејќи нивото на морињата за време на последниот меѓуглацијален период било за шест до девет метри повисоко од денешното - се вели во студијата предводена од научникот Џереми Хофман од Универзитетот на Орегон, САД.

Експертите ги проучувале слоевите на дното на морињата барајќи хемиски траги од температурите на вкупно 83 локации. Утврдено е дека може да бидат потребни повеќе векови, дури и илјадници години, за растечките температури да повлечат уште поголеми покривки мраз.

  • Студијата покажува дека на долг рок морското ниво ќе порасне за најмалку шест метри поради затоплувањето што ние го предизвикуваме. Добрата вест е што ако имаме среќа, нивото ќе продолжи да расте бавно, што ќе ни даде време да се приспособиме. Но лошата вест е што најверојатно сите наши крајбрежни градови ќе мора да бидат напуштени - вели Ендру Вотсон од Универзитетот на Ексетер од Велика Британија, кој не бил вклучен во истражувањето.

Андерс Леверман, професор на Институтот за истражување на последиците од климатските промени од Потсдам, Германија, истакнал дека студијата имала два важни наоди, и тоа дека покривките со мраз може да се стопат и на многу пониски температури отколку што се мислело, и за многу пократко време.

  • Ова може да значи дека нивото на морето може да се промени побзо - изјавил тој, додавајќи дека се уште има многу нејаснотии во врска со претпоставените стапки на раст на морското ниво поради праисториските температури.

Минатата недела Светската метеоролошка организација соопшти дека површинската температура на Земјата во 2016 година била најтопла откако се вршат мерења и дека рекордот се урива трета година по ред. Минатата година просечната температура на планетата била за 1,1 Целзиусови степени повисока во споредба со нивоата пред индустријализацијата.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Свет