mksqen
09
Пет, Мај
0 Нови / 7 дена

Петте најважни прашања на климатскиот самит во Маракеш

Петте најважни прашања на климатскиот самит во Маракеш

Типографија

Договорот постигнат на минатогодишниот климатски самит во Париз стапи во сила во петокот, на 4 ноември, откако доволен број земји го ратификуваа. Сега следува неговото спроведување, а првиот чекор на тој пат е новиот климатски самит, кој почнува утре во Маракеш, Мароко.

Стотици претставници на различни држави и организации ќе се соберат во Маракеш од 7 до 18 ноември на двонеделен преговарачки маратон за тоа како да се спроведе парискиот договор. Ќе се обрне внимание на многу детали од тој договор, со кој 192 земји се согласија да ги намалат своите емисии на јаглерод диоксид на нула, односно да испуштаат најмногу онолку колку што природата може да апсорбира.

Емили Герц, уредничката за животна средина на сајтот Тејк парт, и долгогодишен новинар за животна средина, состави листа од пет најважни прашања на кои ќе треба да им се обрне внимание на климатскиот самит во Маракеш.

Првото прашање е каква ќе биде улогата на САД по 2016 година. Веќе на вториот ден од самитот, на 8 ноември се одржуваат американските претседателски избори, каде што се тркаат Доналд Трамп, кој го нарекува глобалното затоплување „кинеска измама“ и ветува дека ќе се повлече од парискиот договор, и Хилари Клинтон, која го поддржува договорот. Во осумгодишното претседателствување на Барак Обама САД, кои се втор најголем емитер на јаглерод диоксид во светот, беа кооперативни за справувањето со климатските промени. Но на самитот сите ќе се прашуваат дали тоа време завршува.

Второто прашање е како државите ќе се контролираат едни со други колку секоја го исполнува договореното. Во Париз земјите-потписнички се согласиле да се создаде механизам со кој тие ќе споделуваат податоци и ќе се проверуват до каде стигнале со своите обврски. Во Маракеш преговарачите ќе треба да утврдат како емисиите ќе се мерат, кои ќе бидат стандардите за побогатите и за посиромашните држави итн.

Третото е кога и како државите ќе си постават повисоки цели во врска со ограничувањата на емисиите на јаглерод диоксид. Сегашните обврски преземени од самитот во Париз нема да бидат доволни за да се постигне посакуваното ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени до крајот на векот.

Четвртото прашање е дали побогатите држави ќе го одржат ветувањето да им помогнат на посиромашните во справувањето со климатските промени. Уште во Копенхаген во 2007 година било ветено дека до 2020 година ќе се обезбедуваат по 100 милијарди долари помош за земјите во развој, кои од една страна имаат најмал придонес кон глобалното затоплување, а од друга, најтешко се справуваат со последиците како природните несреќи и променетите земјоделски услови. Во Маракеш овие земји ќе бараат поцврсти за помошта.

Петтото е што прават во борбата против климатските промени градовите, корпорациите и другите субјекти врз кои државните влади немаат надлежност. За разлика од протоколот од Кјото, во договорот од Париз е нагласено дека и тие можат да преземат акции за да се намалат емисиите наштетни гасови.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS

Најпопуларни вести во категорија Свет