Власта во Осло го усвои првиот „буџет за климата“. Издвоените средства ќе бидат наменети за конкретни мерки за намалување за 50 отсто на емисиите на стакленички гасови во рамките на четири години. Ова е еден од најрадикалните обиди за забавување на климатските промени.
Некои точки од планот на Осло зависат и од средствата на националната влада. Целиот проект најверојатно ќе чини две милијарди норвешки круни , односно 246 милиони долари.
Претходно годинава, општинскиот совет на Осло усвои план да се преполоват емисиите во Осло до 600 илјади тони јаглерод диоксид до 2020 година. Планот има за цел да стигне и до нулта емисија до 2030 година, а буџетот ја дава рамката како ќе се случи тоа.
Во документот, освен дефинирањето на годишните цели за намалување на емисиите од автомобили, приватните домови и бизниси во норвешката престолнина, се додава и забраната на приватните автомобили да влегуваат во центарот на градот.
Според усвоениот план, Осло ќе ги зголеми надоместоците за автомобили кои влегуваат во градот, ќе ги намали паркинг местата, постепено ќе се елиминира греењето на фосилни горива во домовите и канцелариите до 2020 година, автобусите во градскиот транспорт ќе преминат на енергија од обновливи извори, и ќе бидат изградени повеќе велосипедски патеки.
Се повеќе големи градови, од Буенос Аирес до Пекинг подготвуваат свои планови за ограничување на емисиите на стакленички гасови.
Глен Питерс од Центарот за меѓународно истражување на климата и животната средина во Осло, изјави дека планираните намалувања на емисии ќе бидат невидени. Според него досега нема држава која ја намалила емисијата со повеќе од околу пет проценти годишно, тоа е темпо постигнато од Франција, која премина на нуклеарната енергија од фосилни горива во 1970 година.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS