mksqen
20
Саб, Апр
0 Нови / 7 дена

Почна пролетното садење дрвја во Скопје

Почна пролетното садење дрвја во Скопје

Типографија

Во паркот во Гази Баба почна акцијата „Пролетно садење“ што го организира Град Скопје.

Планирано е во Скопје да се засадат пет илјади дрвца, а 60 листопадни садници се засадени во паркот на природата „Гази Баба“.

  • Во паркот на природата Гази Баба ја продолжуваме акцијата за садење  пет илјади садници во Скопје, како дел од акцијата на Градот што почна изминатата есен за засадување 250 илјади дрвја на територијата на град Скопје. Во рамките на пролетната акција заедно со општините  ќе засадиме  пет илјади квалитетни садници по дрвореди и во средишното зеленило  на булеварите, на јавните зелени површини, парковите, како и во Спортскиот центар во Сарај - вели градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

Акцијата се реализира според планот  за садење  на ЈП „Паркови и зеленило“. На оваа локација во паркот на природата „Гази Баба“  се засадени 650 дрвја.

  • Оваа ледина, појасни градоначалникот, беше гола и минатата година и годинава на неа се засадени околу илјада садници. Дрвјата што беа лани засадени во текот на летото  ги наводнувавме и околу 25 отсто од нив се разеленети. Истото ќе го правиме и ова лето за да можат садниците да опстојат на високите температури.

Трајановски најави дека акцијата се планира да се продолжи и наесен и да се придонесе за почист воздух, почиста животна средина и за зачувување на здравјето на граѓаните.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски апелираше до граѓаните кои доаѓаат да се рекреираат и да уживаат во нејзината убавина посовесно да се однесуваат при нивниот престој, бидејќи, како што рече, таа е второто белодробно крило на Скопје.

Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ информира дека листопадните садници се набавени од ЈП „Паркови зеленило“ со финансиски средства издвоени од Буџетот на Град Скопје.

Во садењето во парк-шумата Гази Баба учествуваа учениците од средните училишта „Панче Арсовски“, „Цветан Димов“, „Арсени Јовков“, „Боро Петрушевски“ и „ 8 Септември“.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Скопје