По повеќе од 20 години, повторно е ставен во функција левиот магистрален канал на хидросистемот Брегалница. Со новиот начин на управување со водите за наводнување, жителите на 10 околни села во општината Зрновци ќе можат да ги наводнуваат нивите и да ги полеваат бавчите.
- Водата во каналот е пуштена редовно, а со тоа земјоделците кои гравитираат од левата страна на реката Брегалница, во подножјето на планината Плачковица, после две децении имаат услови, освен житни да одгледуваат и градинарски култури,за што самите жители не го кријат задоволството од повторното наводнување на полињата, изјави градоначалникот на општината Зрновци, Благој Станков.
Со наводнувањето на нивите и бавчите, односно на вкупна површина од 200 до 300 хектари, веќе следната година се очекува да се видат многу поинакви култури од сегашните. Од друга страна, тоа ќе придонесе и за враќање на дел од иселените граѓани од општината Зрновци и околните села.
Една од причините за нивно иселување, според Станков, беше неможноста за одгледување подоходовни култури, а со самото тоа на некој начин беа спречени да се занимаваат и со сточарство.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS