Министерството за транспорт и врски распиша тендер за изградба на два нови бунари кои ќе бидат дел од системот за дополнително водоснабдување на градот Гевгелија, соопштија од општината. Се проценува дека вредноста на бунарите ќе изнесува пет милиони денари.
Висината на понудената цена ќе биде еден од главните критериуми за избор на изведувач, а понудите треба да се достават најдоцна до 15 август во 11 часот.
Од општината истакнуваат дека по овој тендер наскоро ќе се распише уште еден, за да се комплетира целиот водоснабдителен систем, кој ќе вклучува изградба на потисен цевковод, резервоар и доводен цевковот. Како што велат локалните власти, со тоа општината ќе добие целосно нов систем преку кој жителите ќе се снабдуваат со квалитетна вода за пиење.
Инаку, веќе подолг период наназад, граѓански организации предупредуваат на зголемено присуство на арсен во водата за пиење во Гевгелија, и преку јавни кампањи ги повикуваа надлежните институции да преземат мерки и да го решат проблемот.