Нови 30 теренски возила „дачиа“ со комплетна опрема доби Шумската полиција.
Возилата вредни 30 милиони денари, се купени од сопствени средства, на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а ќе бидат доставени до сите 30 шумско-полициски станици низ Македонија. Исплатата ќе се реализира во наредните пет години.
- Шумската полиција мора да биде добро опремена. Со набавката на новите возила ќе се зголеми нејзината ефикасност, но ќе се намалат и трошоците што ги прави сега веќе стариот возен парк - истакна министерот за земјоделство Михаил Цветков.
Според него, возилата „лада нива“ со кои располага Шумската полиција се стари околу 15 години, трошат многу гориво, 18 до 19 литри, а скапо е и нивното одржување.
- Оценивме дека со парите кои би ги потрошиле за овие намени, ќе ги плаќаме ратите за новите возила - објасни Цветков.
И раководителот на Секторот за шумска полиција при МЗШВ Ејуп Јаја се согласува дека со новите возила практично се решава уште еден голем проблем на оваа служба.
- Ќе ја зголемиме нејзината ефикасност, но ќе ја подигнеме и безбедноста на вработените - подвлече Јаја.
Јаја истакна дека состојбата со дрвокрадството е значително подобрена, иако се уште има случаи што треба да се санкционираат.
Шумската полиција како сектор во Министерството за земјоделство брои 400 вработени од кои 320 униформирани службени лица кои по Законот за шуми се задолжени за мото-патролно чување на шумите.
МЗШВ во наредниот период планира да вложи и во техничка опрема за шумскополициските станици, како и во набавка на униформи за вработените.
Минатата година од Шумската полиција беа поднесени 1.218 пријави, а привремено се одземени 2.100 кубни метри дрвна маса.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS