Град Скопје на јавен конкурс ќе избира најеколошка компанија со најголем придонес во заштитата на животната средина за 2017 година.
Како што информира Град Скопје ќе се избира и најубаво уреден двор и најубав состав и цртеж на тема екологија за учениците од основните и од средните училишта.
Конкурсот трае до 16 мај, а сите заинтересирани пријавите треба да ги достават по пошта на адреса на Сектор за заштита на животната средина и природата на Град Скопје.
Во категориите за најеколошка компанија и најголем придонес во областа на животната средина, предвидена е по една награда во износ од по 45 илјади денари. Во категоријата за најубаво уреден двор, предвидени се три награди за индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект, во износ од по 40 илјади денари. Во категориите за најубав состав и цртеж на тема екологија се предвидени по две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10 илјади денари.
Разгледувањето на пристигнатите пријави и одбирањето на кандидатите го врши соодветна комисија, која Градот Скопје ја формира од претставници на вработените во секторите на Град Скопје и невладините организации.