mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

Хирурзи извадиле 915 парички од морска желка во Тајланд

Хирурзи извадиле 915 парички од морска желка во Тајланд

Типографија

Ветеринари во Бангкок, Тајланд, извадиле вкупно 915 метални парички од стомакот на 25-годишна морска желка, што туристи ги фрлале во нејзиниот базен.

Популарната суеверна пракса на фрлање парички во вода за среќа, за малку ќе и донела голема несреќа на оваа желка во туристичкиот град Сри Рача, која од проголтаниот товар станала потешка за дури пет килограми, а тоа и направило пукнатина на оклопот. Во Тајланд е особено често фрлањето парички кон желките, бидејќи се верува дека тоа носи долговечност.

Просечниот животен век на зелените морски желки е околу 80 години, вели Рунгроје Танавонгнувеч, деканот на Ветеринарниот факултет на Универзитетот Чулалонгкорн. Овој вид е регистриран како загрозен од Меѓународната унија за заштита на природата. Пет хирурзи од овој факултет трпеливо ги отстранувале паричките што желката ги проголтала. Операцијата траела четири часа, а животното било под целосна анестезија. Резот од 10 сантиметри не бил доволно голем за да се извади целиот товар одеднаш, па се отстранувале по неколку парички. Голем број од нив веќе рѓосале и делумно се распаднале.

  • Резултатот е задоволителен. Сега само од желката зависи колку ќе може да се опорави - вели Пасакорн Бриксаван од тимот хирурзи што ја извршиле операцијата, додавајќи дека најмалку две недели таа ќе се храни само со течна храна.

Желката била наречена Банка, поради овој инцидент. Членови на тајландската морнарица ја нашле изнемоштена во нејзиниот град, но не можеле да утврдат што и е. Дури откако било извршено тридимензионално скенирање ветеринарите успеале да го видат проблемот. Освен големиот број парички, од нејзиниот стомак биле отстранети и две рибарски јадици.

Докторката Нантарика Чансуе, која го предводела хируршкиот тим, изјавила дека откако видела што и се случило на желката, била многу лута и разочарана.

  • Бев бесна на луѓето, без разлика дали тоа што го направиле било намерно или затоа што не размислиле што може да се случи. На крајот и нанеле голема болка на желката - вели докторката, која го предводи и медицинскиот центар за водни животни во универзитетот.

Приказната за желката станала многу популарна во тајландските медиуми, а граѓаните собрале вкупно 428 долари за да се плати нејзината операција.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS

Најпопуларни вести во категорија Свет