Волците во американската сојузна држава Вајоминг веќе нема да ја уживаат заштитата од федералната влада на САД, откако ваква одлука донел федералниот апелациски суд. Со одлуката, управувањето со популацијата на волците ќе им биде доделено на властите во Вајоминг, кои ќе го дозволат ловот на овие животни.
Оваа промена требало да се случи уште во 2012 година, кога Американската служба за дивиот свет и за рибите проценила дека бројот на волци во Вајоминг доволно се зголемил и не се веќе во опасност од изумирање, како и дека планот на државата за управувањето со популацијата може да го осигура нивниот опстанок. Но повеќе здруженија за заштита на животните се побуниле дека Службата донела незаконска одлука, сметајќи дека државата, без федерална заштита, нема да ги заштити животните и ќе овозможи тие да бидат убивани веднаш. Во 2014 година америански обласен судија ја прифатил нивната жалба и волците во Вајоминг, кои ги има неколку стотини, повторно биле ставени под федерална заштита.
Но државата Вајоминг и Службата за дивиот свет се жалеле на оваа пресуда до федералниот апелациски суд, кој одлучил во нивна корист, односно пресудил дека Службата донела разумна одлука во рамките на своите надлежности.
Гувернерот на Вајоминг Мет Мид ја поздравил одлуката и најавил дека државата наскоро ќе ја преземе надлежноста врз волците. Борците за заштита на животните, пак, најавија дека ќе продолжат да се борат против, како што велат, штетното управување на државата врз природата.
Волците во САД биле често ловени, заловувани и труени се до 1970-тите, кога нивниот опстанок бил загрозен и биле ставени под федерална заштита. Во средината на 1990-тите повторно биле населени во државите во Северните карпести планини, и покрај противењето на ранчерите и на ловџиите, кои сметале дека волците ќе бидат штетни за добитокот и за дивечот. Во 2011 година американскиот Конгрес донел одлука да биде тргната заштитата на волците во државите Ајдахо и Монтана, кои се граничат со Вајоминг.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS