mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

Ескимско село сака да направи бизнис со месо од ирваси

Ескимско село сака да направи бизнис со месо од ирваси

Типографија

Едно ескимско село што се наоѓа на остров покрај западниот дел на Аљаска се обидува да ги реши своите проблеми со големата невработеност преку искористување на еден од ретките природни ресурси што ги има - месото од ирваси.

Селото Мекорјук се наоѓа на островот Нунивак, околу 60 километри оддалеченост од брегот на Аљаска во Беринговото море. Веќе еден век луѓето во него заработуваат за живот од месото од ирваси, но сега планираат да го подигнат својот бизнис на повисоко ниво. Планот вклучуваа изградба на нова кланица вредна 1,8 милиони долари што ќе ги добијат како грант од федералната влада на САД. Со тоа тие ќе обезбедат подобар квалитет на обработката на месото, што ќе им овозможи да го извезуваат во најголемиот град на Аљаска, Енкориџ, па дури и во 48-те држави во главниот дел на САД.

Селото има околу 200 жители и порано имало сличен бизнис, со кланица што работела според високи стандарди, и што им овозможувала да го продаваат месото на големи далечини, дури и на луксузните ресторани во американскиот град Денвер.

  • Идејата е да се обидеме да го вратиме процесот што го имавме порано и повторно да го освоиме пазарот - вели Дејл Смит, директор на иницијативата на племето.

Претходниот бизнис пропаднал откако жителот на селото што раководел со целата операција загинал во хеликоптерска несреќа во 1996 година, додека ја надгледувал популацијата од ирваси на островот. По неговата смрт кланицата почнала да пропаѓа и на крајот веќе не можела да се користи, па колењето на ирвасите се одвивало на отворен простор. Тоа, пак, ги ограничувало селаните во тоа каде може да го продаваат месото.

Месото од ирваси се смета за поквалитетно од тоа од елените. Во сопственост на племето има неколку поголеми стада ирваси во Западна Аљаска, кои бројат околу 10.000 животни. На самиот остров Нунивак, пак, живеат околу 2.500 животни. Тоа е најголемиот број ирваси достапни за комерцијализација во цела Западна Аљаска, вели Грег Финстад од Универзитетот на Аљаска во Фербенкс, кој ја раководи програмата за истражување на ирвасите. Тој ги пофали напорите на селото да си обезбеди самоодржливост преку користењето на природните ресурси.

  • Нивниот највреден ресурс е вегетацијата на островот со која се хранат ирвасите, и од тоа развиваат во производ што можат да го продаваат, месо од ирваси - додал тој.

Изолираноста на Мекорјук, единствениот град на островот Нунивак, се смета за причина за големата невработеност на населението, која изнесувала 28 проценти. Дел од населението работи во племенската и за локалната самоуправа, во селската продавница, во клиниката и во училиштето, како и во многу мал број други фирми. Жителите се снаоѓаат за храна преку ловот на ирваси, лососи и фоки.

Компанијата Аљаска Комершал го откупува месото од ирвасите од селото и го дистрибуира во поголем број градови во регионот.

  • Во моментов имаме поголема побарувачка од понудата, и сигурно би откупувале повеќе ако ни се понуди - вели Волтер Пикет, генералниот менаџер на компанијата.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS

Најпопуларни вести во категорија Свет