Во Општина Кисела Вода утре и задутре ќе продолжи минатонеделната акција за собирање кабаст отпад.
Акцијата ја спроведува јавното претпријатие „Комунална Хигиена“ во соработка со општината, а идните два дена предвидува собирање кабаст отпад и градежен шут оделно, по урбани и месни заедници.
Согласно планот, утре од 7 до 11 часот ќе се собира во урбаните заедници Цветан Димов, Бирарија, Црниче и Пржино, 11-ти Октомври згради, како и во месната заедница Припор, додека во сабота во истото време во Кисела Вода, Расадник, 11-ти Октомври бараки, Пинтија, Бобан Трпков - населба Драчево, село Драчево и Усје и Градинар.
Кабаст отпад е секаков вид домашен отпад (мебел, бела техника, електронски отпад, опрема, делови за бања) освен градежен шут, гранки и комунален смет, додека под градежен шут, покрај инертниот отпад, се подразбира и отпадот од градежна столарија (врати, прозорци), санитарна керамика, како и градинарски отпад.
Од „Комунална Хигиена“ апелираат граѓаните отпадот да го одложуваат во точно предвидените термини пред своите домови, колективните згради на пошироките улици, на пристапно место за возилата и на начин што нема да го попречува движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот.
Подетални информации за акцијата можат да се добијат на бесплатниот телефон на 0800 222 33.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS