Хаосот со преполнетите контејнери мора да се реши затоа што е неиздржливо да се гледаат такви.
Ова го бара градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски од неговиот колега, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
- Јавно апелирам до градоначалникот на Град Скопје да го повика на одговорност директорот на ЈП „Комунална хигиена“, бидејќи хаосот со преполните контејнери е неиздржлив. Сите граѓани на Центар плаќаат пари за да имаат чиста околина, а не депонии пред своите домови. Контејнерите се во надлежност на ЈП „Комунална Хигиена“, односно Град Скопје. Имаме безброј вакви случаи во нашата општина, барам веднаш да се преземат мерки и санкции - вели градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.
Како што посочуваат од општина Центар, чистењето и одржувањето на контејнерите е во надлежност на ЈП „Комунална хигиена“, под надлежност на Град Скопје.
Од „Комунална хигиена“ реагираа барајќи од општината да обезбеди непречен пристап до контејнерите.
- Активностите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје честопати не зависат само од вработените и опременоста на Претпријатието, туку и од условите на терен. За нашите возила да можат навремено да ги празнат садовите за отпад, тие мора да имаат непречен пристап до овие садови - одговорија од претпријатието.