Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае ќе користи отпадна биомаса како енергенс.
Специфичниот модел на загревање на просториите почна со почетокот на грејната сезона. Со отпадната биомаса како енергенс ќе се загреваат околу 3.600 до 4.000 квадратни метри со вкупна топлинска енергија од 267 kw. Отпадната дрвена маса се прибира во текот на целата година, која потоа специјалната машина сместена во рамките на ова училиште ја преработува во таканаречен „дрвен чипс“.
- Локалната самоуправа обезбеди 40 илјади евра од својот буџет, Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ финансираше околу 15 илјади евра, додека УНДП помогна со 20 илјади евра. Севкупно инвестицијата не чинеше 75 илјади евра, парични средства кои веќе на половина од втората грејна сезона планираме да се покажат како исплатливи. Веројатно, следното училиште кое ќе го направиме да се затоплува на истиот начин е ООУ „Аврам Писевски“ во населбата Бардовци - вели градоначалникот на општината Карпош, Стевчо Јакимовски.
Од анализите што ги направила општината за загревање на ова училиште биле потребни околу 2.600.000 денари, а со примена на новиот метод се планира, трошоците да се редуцираат дури за 60 илјади денари во грејна сезона.
Еколошки гледано, посочуваат од општината, дрвениот енергенс помалку ја загадува животната околина бидејќи се добива преку процес на преработка на листопадни и зимзелени дрвја кои не содржат смола.
Со искористување на топлотната енергија, овој енергенс не ослободува штетни материи во воздухот, туку како нуспојава во атмосферата излегува само водена пареа. Покрај економскиот бенефит, примарна цел на овој проект е да се супституира употребата на минералните горива какви што се гасот и нафтата, со обновливи извори на енергија. На територијата на општина Карпош, веќе три основни училишта користат обновливи извори на енергија, како специфичен начин на затоплување на своите простории.
Применувајќи ја оваа практика, ООУ „Димо Хаџи Димов“ стана првиот објект во Македонија кој користи ваков тип на обновливи извори на енергија.