Осумдесет планинари, ентузијасти и љубители на природата се искачија на Царев врв на Осоговските Планини во акцијата на Здружението за планинарење и заштита на планината „Калин камен “ од Крива Паланка.
Акцијата насловена „Излези и диши “ се организира вторпат, во соработка со „I love hiking group Macedonia “.
- Ова е уште една акција од иницијативата „Излези и Диши на „ I love hiking group Macedonia“ во насока на зголемување на свеста за сопственото здравје кај се поголем број активни луѓе, воедно и зголемување на бројот на активни луѓе по планините. Нашето здружение и годинава е дел од иницијативата и имавме прекрасно дружење на планина во пресрет на пролетта - вели Теодор Јовановски од „Калин Камен“.
Патеката е со почетна точка на 1.400 метри надморска височина, со висинска разлика од 745 метри.
- Царев врв е на 2.084 метри надморска височина, патеката е долга околу 18 километри, а учесниците, педесет луѓе од Скопје и 30 од Крива Паланка поминаа еден совршен ден во идеални услови за планинарење - додаде Јовановски.
Наредна акција на „Калин Камен“ е дводневен настан за искачување на Пелистер, на 2.601 метар надморска височина.