Инфраструктурни градежни работи се изведуваат среде лагуната Караваста, во еколошки најчувствителното подрачје од националниот парк Дивјака-Караваста, соопшти Организацијата за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (ППНЕА). Организацијата ги забележала работите за време на редовна посета поради набљудување на живеалиштата на далматинскиот пеликан во лагуната.
- Кога ќе научиме дека не можеме да го користиме просторот според моменталните потреби? Најважното водно живеалиште во Албанија, единственото место каде што се гнезди далматинскиот пеликан, е директно загрозен поради проект за кој се` уште не се знае што е, и со кој јавноста не е запознаена - велат од ППНЕА.
Тие објавија фотографии на кои се гледа машинерија за ископување среде лагуната, како копа канал низ неа, и велат дека според локални извори, целта на каналот е да биде пловен за бродови.
- Местото каде што се работи е под срога заштита и какви било инфраструктурни работи се забранети со закон. Поради тоа, овие работи го прекршуваат законодавството за животната средина и во овој случај го загрозуваат статусот на националниот парк и на лагуната како заштитено подрачје од меѓународно значење според Рамсарската конвенција. Лагуната Караваста е класифицирана како локација од огромно значење за биолошката разновидност. Бараме надлежните институции веднаш да реагираат и да ја запрат оваа градежна интервенција со катастрофални последици за подрачјето - порачуваат од ППНЕА.