Уште една банка од Косово се придружи на програмата за финансирање енергетска ефикасност поддржана од Европската банка за обнова и развој, објави порталот „Балкан грин енерџи њуз“. Станува збор за банката БПБ, една од само двете во земјата што се во доминантна домашна сопственост.
Договорот за соработка го потпишаа претседателот на ЕБОР Сума Чакрабари и директорот на БПБ Артон Челина. Според него, банката ќе добие кредитна линија од еден милион евра за да кредитира мали и средни претпријатија, како и домаќинства, за проекти поврзани со енергетската ефикасност и за инвестирање во обновливи извори на енергија.
- Инвестирањето во зелена енергија е клучна цел на ЕБОР. Ние ја гледаме борбата против глобалното затоплување како еден од нашите стратешки приоритети, и се обидуваме да бидеме лидери меѓу меѓународните институции во поттикнувањето на приватните банки да ја финансираат енергетската ефикасност - вели Чакрабарти.