Во Софија е почната акција за мерење на издувните гасови на автомобилите.
Иницијативата е дел од активностите на Здружението „Дијабетес тип 2“ и Коалицијата за клима-Бугарија.
Во неа ќе се вклучат екипи на Сообраќајната полиција - СДВР и извршната агенција „Автомобилска администрација“. Тие ќе стојат на влезот и излезот од градот и со соодветни инструменти ќе ги мерат емисиите на издувни гасови на автомобилите кои се движат. Возилата кои ќе отстапуваат од дозволените граници ќе бидат запрени. Акциите за мерење на издувните гасови ќе продолжат редовно во текот на годината.
Граѓаните ќе добиваат информативни материјали за различните извори на загадување и за штетата што тие ја нанесуваат на здравјето.
Целта на акцијата е да се сврти вниманието на јавноста кон проблемот со загадувањето на воздухот со емисии од транспорт во главниот град. Тие се една од главните причини за високите нивоа на загадување на воздухот во градовите. Идејата на организаторите на акцијата е да ги поттикнат одговорните институции да почнат реални активности за решавање на проблемот.
Неодамна Светската здравствена организација за прв пат даде податоци за смртноста поради загадување со фини честички по држави. Воздухот во Бугарија е опасен за здравјето на луѓето. Софија е на прво место на листата на Европската агенција за животна средина за најзагадените престолнини во Европа. Бројот на прерани смртни случаи во Бугарија поради високите нивоа на загадување, варира меѓу 14 и 18 илјади луѓе годишно. Во овие податоци не се вброени тешките белодробни заболувања, болестите на кардиоваскуларниот систем, на мозокот и на репродуктивниот систем, кои се резултат или се влошуваат од квалитетот на воздухот.