Дворецот Топкапи, една од најпознатите историски градби во Истанбул, седиштето на султаните во највеличествената ера од Османлиската империја, е во опасност да се урне поради пукнатини под земјата.
Овој комплекс бил седиште на поголемиот дел од 36-те султани, и е ставен под заштита на УНЕСКО. Бил изграден по наредба на Мехмед Втори Освојувачот, а особено се развил во времето на Сулејман Величествениот. Денес е музеј во кој се чуваат бесценетите богатства на минатата империја. Само дворците во Версај и во Санкт Петербург се попосетени од Топкапи годишно во Европа.
Но деновиве скривницата на дворецот, во која исто така се изложени богатствата на султаните, беше затворена за посетители откако се утврдило дека во потпорните ѕидови се појавиле длабоки пукнатини кои прават ризик од урнивање.
Според експертите, сигнали за слична закана која е надвисната над Топкапи има одамна, а под најголема закана е секторот кој води до широкиот парк Ѓулхане, некогашен дел од дворскиот комплекс. Откако Топкапи беше претворен во музеј, Ѓулхане беше ооделен како општински парк со кој стопанисува големата општина на Истанбул.
Во април годинава, се урнал ѕид на брегот на Ѓулхане, во делот кон морето. Случајот го сврте вниманието на експертите кон дворецот. При истрагите, се покажа дека под фасадата се појавиле пукнатини, големи колку човечки лакт. Беше направен протокол со кој беше задолжено министерството за култура и туризам и со министерска наредба скивницата беше затворена. Во моментов се извршува реконсрукција на скривницата, а османлиските богатства можат да се видат во другите згради на комплексот Топкапи, каде се ставени под специјална заштита.