Природните промени во климата на Арктикот се одговорни за половина од загубата на покривката со мраз на Северниот пол во последните децении, а остатокот е предизвикан од човековите активности, покажала една нова студија.
Според научниците што ја подготвиле студијата, најстрашното сценарио во кое Северниот пол би останал целосно без мраз во наредните години, можеби нема да се случи наскоро ако климата на природен начин повторно стане постудена. Тимот проценил дека природните варијации се одговорни за меѓу 30 и 50 отсто од загубите на мразот од 1979 година досега. Покривката со мраз беше најниска во септември 2012 година, при крајот на арктичкото лето. Во моментов таа е најмала забележана во март, помала од таа во истиот месец минатата и предминатата година.
Според наодите од студијата, врз загубата на мразот на Арктикот може да влијаат дури и промени во тропските делови на Тихи Океан.
- Ако овие природни текови запрат или се завртат во спротивен правец во блиска иднина, ќе забележиме забавување на сегашниот тренд на брзо топење на мразот, дури и на зголемување на покривката. Но, ако продолжат емисиите на стакленички гасови предизвикани од човекот, тие на подолг рок ќе станат доминантен фактор - вели Чингхуа Динг од Универзитетот на Калифорнија во Санта Барбара, главен автор на студијата.
Топењето на мразот на Арктикот го нарушува животот на домородното население во регионот, како и на животинските видови, пред се на поларните мечки и на фоките, додека нафтените компании во него гледаат шанса за отворање на нови нафтени резерви.
- Ако гледаме на подолг рок, прашањето е „кога“ а не „дали“ Арктикот целосно ќе остане без мраз во лето - вели Ед Хокинс од Универзитетот на Рединг, кој не бил вклучен во истражувањето.
Научници низ светот ја поздравија студијата поради тоа што прецизно ја дели одговорноста за топењето на мразот меѓу човекот и риродата. Во 2013 година, панел од климатски научници на Обединетите нации заклучи дека човеквите активности најверојатно придонеле за загубата на арктичкиот мраз, без да проценат во која мера. Тие предвидоа дека покривката со мраз целосно ќе исчезне до средината на овој век ако емисиите продолжат да растат.