Езерото Титикака своевремено било обожувано од Инките, кои го сметале за родно место на сонцето.
Но денес ова езеро, кое е најголемо во Јужна Америка, е затрупано со домашно ѓубре, градежен шут, канти и со мртви жаби покрај бреговите. Самата вода, пак, е затруена со олово и со жива.
На бреговите на Титикака, кое го делат државите Перу и Боливија, живеат 1,3 милиони луѓе, и неговата деградација предизвикува сериозни здравствени закани за ова население. Вкупно 24 градови покрај езерото ги излеваат своите канализациски води директно во езерото, без преработка, а од нелегалните рудници за злато во повисоките делови од Андите се испуштаат до 15 тони жива годишно во река што се влева во него.
- Да знаат жабите да зборваат, ќе речат „ова ме убива“ - вели Маруја Инквила, еколошка активистка од Перу, која неодамна собрала неколку стотини мртви жаби во кеси од брегот и ги однела во куќата на гувернерот на регионот Пуно, во знак на протест.
Поради големото загадување, почнати се неколку научни студии за да се најде решение, а властите ветуваат дека ќе преземат поостри мерки.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS