Група океанолози ќе изберат 50 корални гребени во различни области во светот за да најдат начин како да ги спасат од оштетувањето од климатските промени, загадувањето и од прекумерниот риболов.
Се проценува дека ако не се преземат мерки, над 90 проценти од коралните гребени ќе изумрат до 2050 година.
Минатата година беше најтопла откога се мерат температурите во светот. Тоа ги оштетило коралните гребени од Австралија се до Карибите, загрозувајќи ги ретките животински видови и предизвикувајќи економска штета од милијарди долари.
Група научници, заштитари и други експерти ќе изберат 50 корални гребени насекаде низ светот и ќе испробуваат различни техники за заштита, за да утврдат кои се најефикасни.
- Досега многу се зборуваше за уништувањето на коралните гребени, но многу малку за тоа како да го спречиме ова. Имаме можности да го смениме треендот - вели Ове Хог-Гулдберг, директор на Институтот за глобални промени при Универзитетот на Квинсленд во Австралија, и лидер на тимот во проектот „50 гребени“.
Тој додал дека мерките што треба да се преземат ги надминуваат државните ингеренции и треба да се бара меѓународна поддршка. Меѓу методите што ќе се испробуваат се прогласување зони забранети за риболов, отстранување на инвазивните видови риби и ограничување на нуркачкиот туризам. Ќе се изберат гребени што се загрозени и кои имаат богат биодиверзитет.
Според Мајкл Блумберг, специјалниот пратеник на Обединетите нации за климатски промени, луѓето грешат кога истакнуваат дека главните ефекти од оваа појава се топлотните бранови, невремињата и пожарите.
- Најуништувачките ефекти се оние што не ги гледаме, и се наоѓаат на дното на океаните. Ако не преземеме итни мерки, 90 проценти од коралните гребени може да исчезнат до 2050 година - вели тој.
Една четвртина од светските видови риби поминуваат барем еден дел од животот во коралните гребени. Се проценува дека гребените им носат по 300 до 400 милијарди долари годишно на крајбрежните подрачја од туризмот, риболовот и од медицинските продукти.