Главната команда на полската полиција за сите свои полицајци нарачала маски против смог.
Од почетокот на годината во многу места, а пред се на југот и југозападот од земјата и во Варшава, поради смогот не се дише и многу полјаци бараат помош во болниците, а во многу градови се воведува и бесплатен јавен превоз.
- Претходните години смогот се појавуваше само неколку пати годишно. Но сега е се полошо. Мораме да водиме сметка за здравјето на полицајците за да можат да ја вршат својата должност - вели портпаролот на главната полициска команда.
Полскиот град Живјец од страна на Светската здравствена организација е прогласен за најзагаден град во Европската унија во текот на 2016 година, а од 50 најзагадени градови дури 33 се во Полска.
Извештаите на еколошките организации покажуваат дека во Полска 10 отсто од загадувањето доаѓа од големите фабрики и индистриите кои се базираат на јаглен, 10 отсто е од издувните гасови од автомобилите, а останатите 80 отсто е од греењето на домовите, за што многу луѓе користат стар мебел, па дури и пластични шишиња.