Британски научници првпат го измериле годишното движење на инсектите што мигрираат летејќи или се носени со ветрот. Според нивното набљудување, има околу 3.500 милијарди единки инсекти, а тешки се вкупно 3.200 тони.
- Ако густината на инсектите набљудувани на југот на Велика Британија се префрли на воздушниот простор на континентот, миграцијата на инсектите на големи височини може да претставува најголемото годишно движење на копнени животни, што може да се спореди со најголемото движење на океански животни - објаснува Џејсон Чапман од Центарот за екологија на Универзитетот Ексетер.
Тој е еден од авторите на оваа студија спроведена со помош на радари и со други техники, со земање примероци од повеќе од десет години.
Огромните облаци од инсекти по маса се седум пати поголеми од јатата со вкупно 30-те милиони птици што секоја година ја напуштаат Велика Британија и патуваат кон Африка. Почетните и крајните дестинации на инсектите не се утврдени со оваа студија. Претходните набљудувања сугерираат дека многу од нив полетуваат од Велика Британија и се враќаат преку каналот Ламанш или преку Северно Море. Истражувачите забележале значајни варијации во тие текови, поврзани со годишните времиња, од масовни миграции кон север напролет, и кон југ наесен, со сличен обем.
- Голем број од инсектите што сме ги проучувале имаат значајни еколошки функции што се од суштинска важност за одржување на здравјето на екосистемот, како што се поленовото оплодување, уништувањето штетници на посевите, дури и обезбедување храна за инсектојадните птици и лилјаци - додава Гао Ху од Земјоделскиот универзитет Нанкинг во Кина, кој управувал со анализата на радарските податоци.
Тој додал дека миграцијата на животните, особено на инсектите, е многу сложено однесување што се развива со милиони години и е многу чувствително на климатските околности. Неговиот колега Џејсон Лим од Истражувачкиот центар во Ротамстед од Велика Британија укажал дека во тој контекст миграцијата на инсектите може да биде индикатор на глобалните еколошки услови.
- Климатските промени исто така може да предизвикаат намалување на бројноста на многу видови инсекти и зголемување на бројноста на други, што може да биде штетно за посевите - објаснил Лим.
Со истражувањето биле опфатени летечки инсекти што летаат на височина од 150 метри над земјата, а користени се радари што можат да забележат инсекти поголеми од 10 милиграми. За поситните се користени примероци фатени со мрежа.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS