Европската комисија нема да ги ревидира европските еколошки закони - Директивите за птици и живеалишта. Тоа значи дека Брисел нема да ги менува двете основни директиви за заштита на природата на Европа.
Најзначајните инструменти на Европа за заштита на природата беа загрозени од промена во последните две години, што создаде несигурност за нивната иднина. Денес претседателот Јункер и Европската комисија повикува за подобра имплементација и примена на двете директиви.
До одлуката дојде по невидената кампања на над 200 еколошки невладини организации што траеше речиси две години. Според еколозите јавната консултација, отворена од комисијата на Жан Клод Јункер, доведе до најголемата јавна мобилизација во историјата на Унијата. Над 500 илјади луѓе од цела Европа ја изразија својата волја директивите, кои го сочинуваат „рбетот на Натура 2000“, да бидат задржани, а нивната примена да се засили.
Сега невладините еколошки организации очекуваат комесарот Вела да предложи до пролет 2017 година да се дадат следните активности во форма на план за акција, па да се постигне целта на ЕУ за запирање загубата на биодиверзитетот до 2020 година.