Заштитата на светот од предизвиците што ги носат климатските промени ќе биде еден од приоритетите на германското претседателство со групата Г20, односно 20-те најразвиени земји во светот.
Германската влада ги објави темите за кои предлага да се разговара на самитот на Г20 закажан за јули 2017 година, и глобалното затоплување е една од нив.
- Еден од главните предизвици е да се постигне напредок во спроведувањето на целите од Агендата 2030 за одржлив развој и на Парискиот климатски договор - се вели во владиниот документ што германската канцеларка Ангела Меркел го презентирала на својот кабинет.
Самитот на Г20 ќе биде еден од првите големи меѓународни собири каде што ќе учествува новиот американски претседател Доналд Трамп. Поради неговите скептични ставови во врска со човековото влијание врз климатските промени, искажани во предизборната кампања, неговиот избор предизвика голема загриженост во светот за иднината на климатските политики.