Тим научници од Универзитетот Оксфорд нашле докази дека и животните што живеат длабоко во океаните голтале пластика, што е прв таков наод во проучувањето на последиците од загадувањето на морските води.
Истражувачите, работејќи на кралскиот истражувачки брод Џејмс Кук, испитувале две локации во централниот Атлантик и една во југозападниот дел на Индискиот Океан, и пронашле микрочестички од пластика во ракови, јастози и во други суштества што живеат на длабочина од 300 до 1.800 метри. Ова е првпат да се утврди дека микропластиката (која може да дојде до морињата и преку домашната канализација, по перењето на алиштата направени од синтетички материјали), може да стигне до живиот свет и на тие длабочини.
Д-р Мишел Тејлор од Одделот за зоологија на Универзитетот Оксфорд, која е главен автор на студијата, вели дека целта на истражувњето било да се собере микропластика од талогот на дното на океаните, и дека нашле многу.
- Со оглед на тоа што животните се во контакт со талогот, односно живеат на него или го јадат, решивме да ги провериме и нив да видиме дали ја голтаат микропластиката. Најдовме пластични микровлакна во голем број животни, како корали, јастози и морски краставици, што е прв доказ дека и тие ја голтаат. Уште поалармантно е што овие честички се најдени на илјадници километри од копното што е извор на ова загадување - вели таа.
За микропластика се сметаат честичките што се помали од пет милиметри. Во животните што биле испитувани биле најдени различни видови пластика, како полиестер, најлон и акрил.