Растот на количеството на метан во атмосферата не доаѓа од користењето фосилни горива како јагленот и нафтата, туку од биолошки извори, покажува едно неодамнешно истражување.
Според резултатите, изворот на овој гас се испарувањата на мочуриштата, варењето на храната кај кравите, како и одгледувањето ориз. Метанот е еден од гасовите што се главни причинители на ефектот на стаклена градина, кој ја заробува топлината во атмосферата и придонесува за глобалното затоплување. Тој е 83 пати посилен од јаглерод-диоксидот. Од 2007 година неговото присуство во атмосферата се зголемува, а во 2014 година стапката на тоа зголемување била двојно поголема во однос на претходните години. Но тоа главно било поради биолошки причини, а не поради согорување фосилни горива.
Истражувачите од Универзитетот на Лондон откриле дека емисиите на метан се највисоки во тропските краишта и дека доаѓаат од мочуриштата или од земјоделството, што е спротивно на вообичаеното верување дека тие доаѓаат од природниот гас, нафтата или јагленот.