Главниот град ја доби првата стратегија за климатски промени „Отпорно Скопје“.
Стратегијата е изработена од експерти и граѓани со техничка и финансиска поддршка на УНДП и содржи анализи, препораки и алатки кои треба да се спроведат во наредните пет години за подобро справување со климатските промени, за нивно намалување и адаптирање.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски информира дека во стратегијата се опфатени акциите за намалување на причините за климатските промени, базирани на изработениот Инвентар на стакленички гасови за 2008 и за 2012 година, пресметани за трите главни сектори: снабдување со енергија, згради и транспорт.
- Земени се предвид веќе преземените активности од Град Скопје во различни области и тоа енергетската ефикасност, јавниот транспорт, подобрувањето на условите за одвивање на сообраќајот, развивањето на алтернативниот сообраќај, заштитата на воздухот и на водите, комуналните услуги, јавното зеленило, заштитата на здравјето на луѓето, помошта за ранливите групи и лицата со посебни потреби - рече Трајановски.
Стратегијата предвидува голем број активности во сите области, а највисок приоритет имаат превенцијата и заштитата од поплави и зелената инфраструктура. Според Трајановски, посебно важен документ за Град Скопје е изработката на Зелениот катастар, кој е во тек.
- Целта е воспоставување сеопфатен информациски систем за зелените површини во Скопје и регулирање и управување со севкупниот систем на зелените површини на градот. Зелениот катастар ќе биде жив, интерактивен документ, во прилог на подобрување на активностите на ЈП „Паркови и зеленило“ и на транспарентност и достапност на податоците и увид во состојбите за граѓаните, истакна Трајановски.
Постојаниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон потенцира дека оваа стратегија е пионерски документ, прв од ваков вид на главен град во регионот. Ова, како што рече, е важно затоа што една третина од населението во земјата живее во главниот град, а урбаното население се сочува со најголемите ризици од климатските промени.
Раководителот на проектот за климатски промени во Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Павлина Здравева рече дека главен резултат од оваа стратегија се можностите за напредок на градот и за негово натамошно развивање со намалување на емисиите на стакленички гасови.
- Целта беше тие прогнози да бидат реални, од стратешките документи на Град Скопје и на општините во главниот град. Се зема 21 мерка во три сектори како снабдување со енергија, транспорт и згради кои најмногу придонесуваат за овие емисии на стакленички гасови - истакна Здравева.
Резултатите, како што рече таа, се дека ако не правиме ништо во 2020 година емисиите на стакленички гасови ќе се зголемат за 25 отсто во однос на 2012 година.
- Ако преземеме само 13 од оваа 21 мерка тогаш можеме да постигнеме намалување на емисиите за 22 отсто во 2020 година, а ако бидеме малку поамбициозни тие намалувања можат да достигнат до 32 отсто. Конкретни мерки кои имаат најголем потенцијал за намалување на емисиите на стакленички гасови се обнова на возниот парк, примена на стимулативни мерки за инсталирање фотоволтаици на покривите на зградите, употреба на поефикасни апарати за согорување гориво, како субвенцијата на Град Скопје за купување печки на пелети - нагласи Здравева.
Раководителот на проектот за зголемување урбана отпорност во Град Скопје Васко Поповски потенцира дека „Отпорно Скопје“ е прв сеопфатен стратешки документ, кој опфаќа делови од ублажување и адаптирање на ефектите од климатските промени.
- Првпат е земен и делот на туризам. Она што може да го очекуваме е дека со зголемувањето на температурите и продолжување на топлотните бранови може да дојде до намалување на туристичката сезона во Град Скопје. Поради врнежите, нивниот интензитет и мразовите може да настанат последици за културно-историското наследство - рече Поповски.
Стратегијата е достапна на линкот http://www.skopje.gov.mk/Uploads/Otporno%20Skopje%20Startegija%20mkd.pdf