В понеделник во 17 часот ќе се одржи протест под мотото „Мој термин за воздух“. Протестот ќе почне во 17 часот пред просториите на Град Скопје во Градски парк.
Протестот го организираат здружените граѓански иницијативи Скопје смог аларм, Скопје бара чист воздух, Аеродром сака да дише и Ајде Македонија. На социјалните мрежи веќе кружи повикот да се излезе на протест, а како повод организаторите ги посочуваат веќе познатите проблеми на скопјани и на жителите на останатите градови.
Организаторите велат ако ве прашаат зошто протестирате тогаш кажете: имаме најголемо аерозагадување од канцерогени ПМ 2.5 честички во Европа, четворица македонци умираат во просек дневно заради загадениот воздух, во 2015 година, секое второ дете имало респираторни здравствени проблеми според Институт за јавно здравје, загадениот воздух има ризици врз репродуктивниот систем кај жените, кај возрасните граѓани (над 60 години), загадениот воздух предизвикува мозочни оштетувања и „тивок“ мозочен удар што може да предизвика вистински мозочен удар, деменција, депресија и други негативни здравствени ефекти.