Општина Карпош го доби меѓународното признание „Климатска ѕвезда 2016“ од сферата на заштитата на човековата околина и заштеда на енергија од Климатската Алијанса.
Наградата му беше врачена на градоначалникот Стевче Јакимовски, во градот Кремс во Долна Австрија, пред повеќе од 500 учесници на конференцијата на Климатската Алијанса, мрежа на градови, општини, региони, држави и организации со 1.700 членки од 26 земји од Европа.
Првпат од своето 26-годишно постоење, од 1990 година, Климатската Алијанса, ја врачува оваа престижна награда, своевиден „европски оскар за екологија“, во рамки на меѓународната конференција „Културата на локалните климатски акции-посочување на добра практика“.
Алијансата, која претставува 50 милиони жители од Европа и е фокусирана на климатската заштита и заштитата на животната средина, одлучи да ја награди Општина Карпош за успешно реализираните проекти за реконструкција на 164 фасади на колективни станбени објекти со енергетско ефикасни фасади, повратот на дел од средствата на физички и правни лица кои изградиле енергетски ефикасни објекти, за затополувањето на училиштата во локалната самоуправа и на новата општинска зграда со обновливи извори на енергија, за замената на севкупното улично осветлување со „штедливи“ светилки, како и фактот што, иако нема законска обврска, локалната власт самостојно го одржува зеленилото и хигиената во Општината.