Општините Пробиштип и Кочани со заеднички проекти го развиваат туризмот во Спортско рекреативниот центар Пониква на Осоговските планини, кој територијално им припаѓа на двете општини.
Градоначалниците Тони Тоневски и Ратко Димитровски во изјавата за МИА истакнуваат дека определба на двете општини е со заеднички проекти да се реазвива и понатаму овој туристички центар во Источна Македонија.
- Со заеднички проекти ја асфалтиравме главната улица од паркингот до манастирот „Свети Василиј“, а преку проектот на Форумот во заедниците изграден е тротоар од десната страна на патот. Паралелно со ова извршена е електрификација на населбата - изјави градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски.
Преку Источниот плански регион, општина Кочани опремува една од постојните згради на Пониква во Туристичка информативна точка, која ќе им служи на туристите и посетителите за подобро запознавање на убавините и локалитетите на Пониква. За оваа намена, истакна Димитровски, се обезбедени 3,2 милиони денари средства преку програмата за зачувување на природата во Македонија од Швајцарската агенција за развој и соработка за реконструкција на објектот, додека општината обезбеди два милиони денари за опремување на објектот и на дворното место.
Општина Кочани заврши со асфалтирањето на една од двете улици во туристичката населба на Пониква додека асфалтирањето на втората улица ќе биде завршено за десетина дена. Димитровски информираше дека за асфалтирањето на двете улици во должина од 2,4 километри се обезбедени средства во износ од 15 милиони денари од Агенцијата за рурален развој.
Градоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски информираше дека во тек е реализацијата на неколку значајни проекти во пробиштипскиот дел на Пониква.
- Општината работи на донесување урбанистичка документација со урбанистички план на површина од 30 хектари на Пониква, во која се предвидени локациите покрај за индидвидуално домување и за изградба на хотели, мотели и спортски терени - рече Тоневски.
Со средства од Светска банка, како што посочи, ќе се гради патот од Пробиштип до Пониква, за што веќе е завршена тендерската постапка за неговата изградба.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS