По 22 години успешно организирани научно-истражувачки акции, за првпат ни беше забрането да учиме и да истражуваме, објави Истражувачкото друштво на студенти-биолози, реагирајќи дека управата на Националниот парк Маврово не им дозволила да се движат во паркот и да ја истражуваат природата.
По две одржани акции на Плачковица и на Малешевски Планини, 22-та научно-истражувачка акција било одлучено да се одржи во Западна Македонија, на планината Дешат.
- По пет месечна организација, планирање на превозот и на храната, снабдување со материјали и организирање терени, НП Маврово“ одби да ни дозволи да се движиме во паркот. И покрај тоа што како организација уредно поднесовме барање за дозвола за престој уште од месец април, при што елаборирaвме дека примарната цел на акцијата е студентите биолози да стекнат дополнителна едукација за биолошката разновидност на Република Македонија преку најразлични истражувачки методи, не наидовме на поддршка од националниот парк - објавија од друштвото.
Тие додаваат дека им биле потребни осум часа за да ја преместат целата опрема и храна, и да се префрлат на Шар Планина, во планинарскиот дом Љуботен, каде што од 9 до 23 јули се одржала научно-истражувачката акција. Од друштвото изразија благодарност до планинарскиот клуб „Љуботен“ за помошта и поддршката за да ја одржат акцијата. На неа учествувале четириесетина членови на друштвото, како и студенти гости од соседните земји, потоа професори и стручни соработници од факултетите во Скопје и во Белград, претставници на Бугарската академија на науките, на Природонаучните музеи во Скопје и во Белград, и на Македонското еколошко друштво.
Биле идентификувани голем број видови и претставници од локалниот растителен и животински диверзитет со забележување на неколку регионални, национални и локални ендемити.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS