Инспекциските служби за животна средина и на државно и на локално ниво ги прошириле своите знаења и вештини преку проектот што го спроведе Државниот инспекторат, со финансиска поддршка од ЕУ преку ИПА фондовите, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Со проектот се подобри усогласеноста на законите што се однесуваат на работата на инспекцискиот систем и се оптимизираа ресурсите за подобро планирање на инвестициските овластувања, истакна министерот Башким Амети на завршната конференција од проектот.
- За особено значајни ги сметам обуките преку кои беше опфатен комплетниот инспекциски циклус, од запознавање на индустриските сектори и техники за намалување на загадувањето, инспекции на пилот инсталации, земање мостри и следење, до градење на тимови и капацитети за комуникација. Во рамките на проектот се изработија водичи за инспектори, но и за идустриски оператори, а преку новата интерактивна интернет страница се овозможи полесен пристап до сите потребни информации неопходни за подготовка на инспекциските надзори. Очекувам ова да резултира со намалување на загадувањето и на притисокот врз животната средина- рече Амети.
Проектот се состоел од три компоненти, и тоа зајакнување на капацитетите на инспекциите, техничка помош за општините за исполнување на нивните обврски, како и обезбедување опрема и софтвер за работата. Активностите се спровеле од јануари 2015 до август 2016 година, со помош на Шпанија и Холандија како партнерски држави.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS