mksqen
19
Пет, Апр
0 Нови / 7 дена

Со помош од ЕУ изготвен законот за индустриско загадување

Со помош од ЕУ изготвен законот за индустриско загадување

Типографија

Како резултат на твининг проектот „Зајакнување на административниот капацитет на централно и локално ниво за транспонирање и имплементација на новата Директива за индустриски емисии 2010/75/ЕУ“,  изготвен е новиот закон за индустриско загадување кој ќе значи подобрување и подигнување на стандардите за македонската индустрија.

Ова го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, кој појасни дека  новиот закон се однесува на целата  индустрија која загадува.

Проектот е финансиран од Европската унија преку ИПА со 900 илјади евра, а се спроведуваше од октомври 2015 до април оваа година.

Амети информира дека новата Директива за индустриски емисии  претставува главен инструмент за спречување на емисиите од големите индустриски активности.

  • Директивата применува интегрален пристап и има за цел спречување и намалување на загадувањето на животната средина како целина, односно влијанието врз воздухот, почвата и водата, како и употребата на ресурси и енергија и генерирањето на отпад од самите индустриски активности. Ги поставува основните принципи за издавање на интегрирани еколошки дозволи врз основа на се построга примена на најдобрите достапни техники - рече Амети.

Тој информира дека во рамки на проектот се извршила проценка на економското влијание врз индустрискиот сектор при спроведувањето на Директивата. Се изготвил нов Закон за контрола на индустриски емисии, како и подзаконски акти кои произлегуваат од него. Се одржале состаноци со преставници од индустријата, невладините организации и сите други засегнати страни по однос на предложениот нов закон.

  • Централната и локалната администрација ги зајакна своите капацитети за правилно спроведување на новите законски одредби преку изработка на прирачници и упатства за практично спроведување на Директивата, преку одржување обуки, работилници и семинари, како и преку изработка на пилот А и Б Интегрирани еколошки дозволи. Во рамки на проектот беше подготвен и приоритетен список за администрацијата со опрема потребна за спроведување на новата Директива за индустриски емисии, нагласи Амети.

Вицепремиерот за европски прашања  Арбер Адеми нагласи дека Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година непрекинато работи и е посветена на процесот на пристапување преку исполнување на копенхашките критериуми и спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Тој изрази благодарност до ЕУ, која како што рече, преку инструментот претпристапна помош обезбедува континуирано помош и поддршка за Македонија и за сите земји од регионот.

  • Помошта се реализира низ разни форми, но за нас најпосакуваниот модел е токму преку твининг инструментот на ЕУ. На овој начин се градат и долгорочни стратешки билатерални партнерства кои продолжуваат и по завршувањето на проектот со земјите партнери и со нивните надлежни институции, рече Адеми.

Раководителот на Одделот за инфраструктура, земјоделство и социјални политики во Делегацијата на Европска унија Мауро Ди Вероли потенцира дека овој проект треба да помогне за да се намали загадувањето на животната средина со регулирање на индустриските емисии, кои се загадувач на водата и почвата. Потсети дека во изминатиот период во рамки на проектот се подготви ново закондавство кое треба да се спроведе во иднина.

  • Многу е важно земјата тоа да го направи за добросостојбата на сопствените граѓаните зашто е многу важно секој човек да има чиста околина во која живее, потенцира Вероли.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија