Температурите кои во наредните денови се очекува да се спуштат и до минус четири степени Целзиусови сериозно може да ги загрозат овошките и виновата лоза, предупредува УХМР и препорачува земјоделските производители да применат мерки за заштита.
Според агрометеоролозите, овошките и грозјето се во многу осетливи фази од развојот - процветување или почеток на формирање плод поради што се чувствителни и лесно подложни на оштетувања.
- Земјоделските производители да применат мерки на заштита, со препарати против измрзнување или класични методи со оросување со вештачки дожд во периодот додека се температурите негативни, а тоа е периодот пред изгрејсонце или со зачадување со палење на растителни отпадоци непосредно во парцелите - велат од УХМР.
Поради разведрувањето за време на викендот и во почетокот на наредната недела, утринските температури на некои места ќе се спуштат под нулата, а дневните ќе бидат во постепен пораст. Со разведрувањето во текот на ноќта помеѓу петок и сабота, а на некои места во недела наутро очекуваните негативни температури на воздухот ќе достигнат и до минус четири степени.