Поволните временски услови и доволната количина влага во почвата овозможија земјоделците од општините Дебар и Центар Жупа оваа пролет сеидбените работи да ги почнат десетина дена порано од вообичаено.
- Во двете општини пролетните култури ќе се најдат на 300 хектари. Од вкупно планираните површини, 165 ќе бидат засеани со пченка, со фуражни култури околу 50 хектари, околу 15 со пролетен јачмен, десет со овес, како и дваесеттина хектари со други житни култури. Градинарските култури ќе се најдат на 40 хектари, главно пипер, домати, кромид и бостан, вели Арбен Муладаути, овластен раководител на подрачната едница на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Дебар.
Поради климатските промени, ги советува земјоделците дека е најдобро да користат нови хибридни сорти семе, кои се поотпорни и кои даваат поголеми приноси.
Земјоделците располагаат со потребната механизација и потребниот репроматеријал па доколку временските услови дозволат се очекува сеидбата да заврши во оптималниот рок.
Муладаути ги повика земјоделците да ги осигураат нивните посеви, во случај на суша или невреме. Министертвото, додава тој, плаќа 60 отсто од вредноста на полисата.