Со исклучување на осветлувањето на одредени локации во Скопје и Охрид денес по осми пат Македонија ќе се вклучи во одбележувањето на големата светска еколошка акција „Час на планетата Земја“.
Осветлувањето во Македонија ќе биде исклучено во 20:30 часот по локално време во период од еден час кога во мрак ќе бидат над 178 земји и 7.000 градови во светот.
Организаторот на овој настан во Македонија информираат дека поради актуелната ситуација во државата годинава ќе бидат исклучени само одредени локации во Скопје и Охрид.
- Поради актуелната сеопфатна ситуација во државата, која за жал има влијание и врз граѓанскиот сектор, оваа година решивме да го намалиме интензитетот на акцијата и да организираме само исклучување на осветлувањето на одредени локации во Скопје и Охрид, а останатите активности кои ги планиравме ќе бидат распределени во текот на годината - се истакнува во соопштението.
Во централното градско подрачје, со поддршка од Град Скопје, во мрак ќе потонат Плоштадот Македонија со спомениците, Порта Македонија, Камениот мост, Скопската тврдина, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, објектот на АЕК, Колонада, Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за надворешни работи, Мостот „Око“ и Мостот на уметноста.
Во Охрид, пак, во мрак ќе бидат црквата Свети Јован Канео и Самуиловите тврдини.
Своја поддршка кон акцијата најави и Македонски телеком со исклучување на административната зграда во центарот на Скопје, како и цементарницата Усје која ќе ги исклучи светилките и сите мелници за цемент во својата фабрика.
- Ме радува фактот што Македонија, како верен партнер на Часот на планетата Земја, и оваа година ќе ги исклучи светилките и ќе се приклучи во фамилијата на преку 178 земји кои ги исклучуваат за оваа акција - вели Ѓорги Селков, организатор на акцијата во Македонија.
И оваа година, Македонија има свое место во глобалната видео реклама која се користи за светска промоција на акцијата, а вметнатиот инсерт од исклучувањето на плоштадот во Скопје може да се види во 00:26 секунда.
Со симболичното исклучување на осветлувањето, милиони луѓе ширум светот ќе испратат порака за спас на планетата Земја.
Оваа година во Македонија под мотото „Заблескај светлина на климатските промени“, кампањата се фокусира на сериозноста на проблемот поврзан со забрзаното менување на климата, но и ја промовира идејата дека сите ја имаме моќта да направиме промена, односно обединети да ги промениме климатските промени.
Медиумски амбасадор преку социјалните мрежи годинава е Ина Многуфина која секојдневно ги известува своите фанови за акцијата.
Од друга страна, Центарот за климатски промени во повеќе училишта во Скопје и во Охрид ќе прави работилници на тема „Часот на планетата Земја“ на кои ќе бидат изработувани рачни ракотворби, постер од пластични капачиња, ветерен парк од комунален отпад, постер изработен со стари светилки и останати ракотворби кои потоа ќе бидат изложени во трговскиот центар Сити Мол во Скопје.