mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

Натура 2000 една од најзначајните ЕУ политики за заштита на природата

Натура 2000 една од најзначајните ЕУ политики за заштита на природата

Типографија

ЕУ директивите за живеалишта и птици, кои воедно се основните правни механизми за воспоставување на Европската еколошка мрежа Натура 2000 се една од најзначајните ЕУ политики и инструменти во областа на заштита на природата на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Ова го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети на завршниот настан на проектот финансиран од Европската унија „Зајакнување на капацитетите за имплементација на Натура 2000".

  • Еколошката мрежа Натура 2000 како една од најголемите мрежи на заштитени подрачја претставува клучна алатка за заштита и зачувување на природни живеалишта, растителните и животинските видови, кои се од интерес за заштита од ЕУ. Со цел хармонизирање на националното законодавство и исполнување на обврските согласно директивите за живеалишта и птици, Министерството во 2016 година почна со реализација на проект за зајакнување на капацитетите за имплементација на Натура 2000 - истакна Амети.

Според него, проектот отвора можност да се пренесат искуствата од земји членки на ЕУ во процесот на воспоставување и развој на Натура 2000 мрежата. Министерот потенцира дека за земјите кандидати за ЕУ значајно е хармонизирање на националното законодавство од областа на заштитата на природата со законодавството на ЕУ.

  • Постоењето законска регулатива која е усогласена со регулативата на ЕУ, во основа значи подобра координација и квалитетно подобрување на унапредувањето на заштитата на природата - рече Амети и додаде дека во рамки на проектот се подготвил нов Закон за заштита на природата и подзаконски акти заради целосно транспонирање на ЕУ директивите за живеалишта и птици.

Амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар  појасни дека Натура 2000 е најголемата мрежа на заштитени подрачја во светот која обезбедува дом на загрозени видови растенија и животни.

  • Македонија е земја која има богата  биолошка разновидност и задоволни сме што процесот на имплементација на Натура 2000 почна со овој проект кој е со вредност од 1,2 милиони евра. Проектот не само што е добар за подготовка за пристапувањето во ЕУ туку и за добивање дополнителна поддршка за зачувување на биодиверзитетот - истакна Жбогар.

Тој го потенцираше усогласувањето на законодавството кое, според него, е клучно, а благодарение на проектот, Жбогар рече дека досега две клучни директиви за птици и живеалишта се трансформирани во законодавството на Македонија, односно во нацрт законот.

Тим лидерот на проектот Даниел Богнер појасни дека за спроведување на проектот биле ангажирани 40 експерти, кои направиле истражување на живеалиштата и на видовите птици во земјава, а биле предложени и девет пилот подрачја  во кои се вклучени и трите национални паркови во Македонија. За проектот била изготвена дигитална база на податоци за сите информации кои биле собрани, а била организирана и обука која се состоела од 25 работилници на која присуствувале 70 заинтересирани претставници од повеќе институции.

Натура 2000 подрачјата може да бидат со големина помала од еден хектар па се до повеќе од пет илјади километри квадратни во зависност од видот или живеалиштата. Натура 2000 не претставува само заштита на некои од најретките видови и живеалишта во Европа, туку исто така, обезбедува засолниште за безброј други диви животни и растенија кои иако се позастапени се подеднакво важен дел од нашето природно наследство.


BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS