Јавното комунално претпријатие „Дервен“ во соработка со Општина Велес и оваа година организира акција за собирање на габаритен отпад, која ќе трае до 10 април.
Како што информира Тодорка Андреевска од ЈКП „Дервен“ во габаритен отпад спаѓаат делови од мебел, душеци, дрвена амбалажа, столарија, пластични сандаци, гајби, алатки, стари велосипеди, пружини, радијатори и санитарии.
Услугата за собирање и транспортирање на отпадот е бесплатна и претставува одлична можност граѓаните да се ослободат од непотребните предмети во домаќинствата кои се премногу габаритни за да бидат фрлени во контејнерите за отпад.
- Минатата година, во оваа акција, 111 домаќинства пријавија потреба од собирање на отпад и беа собрани 285 парчиња габаритен отпад со што акцијата беше успешна - потенцира Андреевска.
Во претходните години во просек биле собирани по 50 метри кубни габаритен отпад.
- Со акцијата се предвидува граѓаните кои имаат потреба од оваа услуга да се пријават на телефонскиот број 043233768, во Комунална хигиена, и да остават податоци за контакт, секој работен ден од понеделник до петок од 7 до 14 часот и во сабота од 7 до 12 часот, при што ќе договорат термин кога ЈКП „Дервен“ да прати специјално возило и да го собере отпадот - појаснува Андреевска.