mksqen
22
Нед, Дек
0 Нови / 7 дена

Пчеларите бараат да се провери квалитетот на увезениот мед, АХВ вели дека е безбеден

Пчеларите бараат да се провери квалитетот на увезениот мед, АХВ вели дека е безбеден

Типографија

Пчеларите од Делчево и Македонска Каменица бараат  Агенцијата за храна и ветеринарство  (АХВ) да го испита квалитетот на увезениот мед кој се продава во маркетите за 200 денари.

Воедно апелираат потрошувачите да не го купуваат зашто, како што оценуваат, се работи за фалсификат.

  • Бараме АХВ да изврши проверка на медот кој според нашите сознанија во голем дел е фалсификуван. Тоа не е мед, тоа се сахариди со примеси од што најмногу страдаат граѓаните. Цената, пак, од 200 денари му конкурира на нашиот домашен мед кој е чист и вистински и кој луѓето го употребуваат за здравје. Оттука, штетата е двострана, и на сметка на потрошувачите и на производителите - вели претседателот на Здружението на пчелари „Пијанечка пчела“ од Делчево Јован Медарски.

Според претседателот на Здружението на пчелари од Македонска Каменица Боге Јанковски, со увозот на медот се поттикнува нелојална конкуренција.

  • Апелирам граѓаните да не го купуваат медот од маркетите, бидејќи тоа не е мед и не може да се споредува со нашиот планински мед каде пчелите имаат паша на чиста територија. Лани малопродажната цена на медот беше 240 денари, а годинава со овој увезен мед цената падна на 200 денари - рече Јанковски.

Во регионот на Делчево и Македонска Каменица има околу 150 пчелари кои чуваат околу 2.000 пчелни семејства.

Увезениот мед што се продава на македонскиот пазар е безбеден и ги исполнува сите законски и подзаконски акти да се продава во Македонија, соопштија од  Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откако пчеларите од Делчево и од Македонска Каменица побараа да се испита поради наводни сознанија дека е фалсификат.

Според АХВ, инспекциските служби вршат контроли на увозот на секоја пратка мед во земјава.

  • Минатата година увезени беа 188.099 килограми мед, од Молдавија 126 илјади, од Србија 61.912 и од Франција 187 килограми. Како небезбедна, од страна на официјалните ветеринари, уништена е само една пратка со органски мед, во количина од 2.72 килограма, со потекло од Велика Британија, заради отсуство на ветеринарно здравствен сертификат, кој задолжително треба да ја придружува секоја пратка - информираат од Агенцијата.

До Одделението за заштита на потрошувачи при АХВ лани биле поднесени само две претставки од потрошувачи кои се однесувале на квалитетот на медот. По извршената инспекциска контрола е констатирано дека претставките се неосновани.

  • Медот што се пушта во промет доаѓа од објекти за пакување мед кои се одобрени од страна на АХВ и кои се контролираат од официјалните ветеринари. Моментно во земјава постојат 11 одобрени објекти за откуп и пакување мед -наведуваат од Агенцијата.

Од таму воедно подвлекуваат дека инспекциските служби вршат редовни контроли и на одгледувачите на пчели, но и на трговијата со мед и другите пчелни производи. При контролите на безбедноста, квалитетот на медот и означувањето направени минатата година, не се констатирани неусогласености.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS