„Зелени згради за заедничка зелена иднина“ е проект на општините Кочани и Благоевград со кој ќе се изврши целосна реконструкција на општинските згради во двата града.
Вредноста на проектот што беше претставен во Кочани изнесува 398 илјади евра. Го спроведуваат Центарот за развој на Источниот плански регион и Обласната администрација од Благоевград, преку програмата за соработка со Република Бугарија „Интерег“.
- Со проектот ќе се направи целосна обнова на фасадата на општинската зграда во Кочани, со што таа ќе стане енергетски ефикасна, ќе се заменат прозорците и вратите, кровната конструкција, а ќе се изгради и пристап за лицата со попреченост. Општината од сопствениот буџет обезбеди средства за замена на водоводната и електричната инсталација кои не се менувани повеќе од 60 години - изјави градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски.
За обласниот управител на Благоевград Валериј Сарандев, соработката со Источниот плански регион е од особена важност, а добиениот проект ке придонесе за енергетски ефикасна зграда на општината во Благоевград, по европски терк.