mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

Преку театарски караван децата ќе учат за придобивките од рециклирањето

Преку театарски караван децата ќе учат за придобивките од рециклирањето

Типографија

Со претставата „Зелена Планета“ наменета за деца од прво до петто одделение, почнува проектот за едукација на најмладите за придобивките од рециклирање и правилен третман на отпадот.

Проектот е дел од платформата „Дали рециклирате!?“, а го спроведуваат Пивара Скопје, Пакомак и компанијата „Нула отпад“, со поддршка на Холандската амбасада.

Театарскиот караван тргна со премиера во Драмскиот театар. Предвидено е „Зелена Планета“ да ја видат најмалку 10 илјади ученици во 10 градови.

  • Целта на проектот е да ја подигнеме свеста за рециклирање на отпадот, но за разлика од претходно, сега решивме да им се обратиме на најмладите. Тие најлесно учат низ игра и забава. Поради тоа и се одлучивме за претстава - изјави генералниот директор на Пивара Скопје Јован Радосављевиќ.

Амбасадорот на Холандија Ваутер Пломп вели дека претставата укажува на разликата меѓу ѓубре и отпад.

  • Чистата околина не засега сите нас, чистите улици, паркови, природата. За секоја општествена промена потребна е здружена акција на државните институции, граѓанското општество, деловниот сектор. Континуирано се обидуваме да дадеме пример за тоа преку акции за чистење и возење велосипед, како и преку промовирање одржлив начин на живеење - истакна холандскиот амбасадор.

Според извршниот директор на Пакомак Филип Ивановски, една од пораките што треба да се пренесат преку „Зелена Планета“ е дека селекцијата на отпадот мора да стане навика и обврска како што е одржувањето лична хигиена.

  • Сакаме кај најмладите да создадеме свест дека со мал напор може да придонесат за доброто на животната средина - рече Ивановски.

Марјанчо Дамески од „Нула отпад“ потенцира дека децата се нашите амбасадори, агенти на промена кај возрасните.

  • Очекуваме позитивен прием на претставата и предвидуваме дека ќе ја видат над 10 илјади ученици. Се надеваме дека „Зелена Планета“ ќе остави голем впечаток врз нив и дека тие ќе ги пренесат своите импресии врз семејствата - напомена Дамески.

Во рамки на платформата „Дали рециклирате!?“ е веќе реализирана и акцијата за чистење на дел од кејот на реката Вардар во Скопје. Вработените на Пивара и на Холандската амбасада со логистичка поддршка од Пакомак го собраа целокупниот сув отпад кој потоа беше селектиран и рециклиран.

„Нула отпад“, пак, во 2015 година успеала да собере повеќе од 200 тони електронски отпад кој се смета и за најопасен, додека проценките за 2016 се собрани преку 400 тони. За годинава, како што информира Дамевски, националните цели се да бидат собрани повеќе од 600 тони електронски отпад.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS