Состојбата во струшкото село Мороиште е мирна и будно се следи. До овој момент, сите земени брисеви за утврдување птичји грип се негативни, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Поповски.
Тој информира дека се врши мониторинг во Мороишта и околните села во радиус од три километри. За овие пет дена вирусот не е проширен, но не може да се каже дека е исклучено болеста да се појави на друго место зашто се шири и преку дивите птици.
- Во акцијата за сузбивање на птичјиот грип детектиран на 27 јануари, за пет дена нештетно се уништени вкупно 1.950 единки живина, кокошки, гулаби, гуски, кои потоа беа однесени на депонијата во Струга. Уништувањето се вршеше согласно европските стандарди, а го спроведоа 56 лица во тимови од по тројца, ветеринари и експерти од ветеринарните друштва. Вклучени беа и екипи на МВР, Центарот за управување со кризи и локалната самоуправа - истакнува Поповски.
Процедурата за обештетување на производителите ќе почне веднаш штом бидат доставени барањата за угинатата живина до Агенцијата за храна.
Според професорот од Факултетот за ветеринарна медицина Александар Додовски, во Македонија се спроведува активен и пасивен мониторинг кој покажа дека нема индиции за други угинати птици и живина.
- Досега целосна категоризација на вирусот на птичјиот грип HPN8 е направена во примарното жариште, во одгледувалиштето во Мороишта каде првпат беше детектиран, но дополнително се земени мостри и од околните фарми каде што е откриен вирус инфлуенца А. Во тек се лабораториските анализи со кои треба да се утврди дали станува збор за HPN8 или друг сој - објаснува професорот.
Директорот на АХВ Поповски апелира дека ако некој забележи појава на птичји грип, да го пријави случајот и да соработува со службите зашто болеста е опасна.