Во кочанско минатата година се пошумени 37 хектари со 34 илјади садници. Од подружницата шумско стопанство „Осогово“ од Кочани на ЈП „Македонски шуми“ велат дека лани работеле на пошумување и заштитата од ерозија на терените на Осоговијата и во околината на градот Кочани.
- Минатата година пошумивме вкупно 17 хектари голини, ерозивни терени и места на кои имавме одредено опожарување на шума .Оваа површина ја пошумивме со 34 илјади садници од чемпрес, црн и бел бор и багрем. Само на таерените на Пониква кај месноста викана Аеродром минатата година со неколку наши акции пошумивме 15 хектари голини со над 30 илјади садници од смрча - вели Орце Димитров, директор на ШС „Осогово“ Кочани.
Во рамките на акцијата „Ден на дрвото“ истакна Димитров, се пошумени уште два хектара на терените над градот Кочани кај фабриката за вода, во која акција се вклучија и граѓаните на општината.
Според планот на Шумско стопанство „Осогово“ од Кочани и годинава ќе се пошумуваат голини и ерозивни терени на територијата на планината Осогово, онаму каде што е неопходно подигнување нови шумски насади.