mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

Нови иницијативи за намалување на создавањето отпад

Нови иницијативи за намалување на создавањето отпад

Типографија

Ставање акцент на намалување на создавањето отпад е целта на Твининг проектот за спроведување на Рамковната директива за отпад и директивите за посебни текови на отпад.

Проектот, што започна да се реализира кон крајот на минатата година и ќе трае 22 месеца, го имплеметира Министерството за животна средина (МЖСПП), а неговата цел покрај носењето на рамковен закон за управување со отпадот е и измени на законите за посебните текови на отпад, законите кои се однесуваат на отпади од батерии и акумулатори и отпадната електрична и електронска опрема.

Како што истакна твиниг советникот Греам Брн на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, во рамки на проектот, експерти од Обединетото Кралство и Шпанија  ќе работат со претставници на МЖСПП, приватниот и граѓанскиот сектор од Македонија на новиот закон со цел да се усогласи македонското законодавство со европското.

  • Нашите експерти ќе вршат обука на вашиот персонал и ќе даваат совети. Во наредните 18 месеци ќе соработуваме со цел да се усогласи вашето законодавство со европското во сферата на управувањето со отпадот - рече Брн.

Раководителот на Секторот за управување со отпад при Управата за животна средина Ана Каранфилова Мазневска рече дека со измените на законот ќе се сменат и одредбите кога отпадот престанува да биде отпад, кога има секундарна суровина и кој утврдува дали ќе биде секундарна суровина или отпад.

  • Ќе се промени и хиерархијата на управувањето со отпад. Ако порано беше рециклирај, реупотреби за енергија, па депонирај, сега ќе биде намали отпад, рециклирај, реупотреби за енергија, па депонирај. Значи ќе почнеме со намалување на количините на генерирање на отпад. Затоа се прават програми за превенција и како да се потрудиме да го намалиме создвањето на отпад што го генерираме, а не само да размислуваме што ќе правиме со него откако сме го создале - рече Каранфилова Мазневска и додаде дека целта е што помалку отпад да завршува на депониите.

Нагласи дека ќе има и промени во однос на издавањето на дозволите, минималните технички услови кои треба да ги исполнуваат правните лица за да се занимаваат со управување со отпадот, а ќе се работи и на подобрувањето на стандардите во делот на управувањето со отпад.

Посочи дека во Македонија единствено депонијата Дрисла поседува интегрирана дозвола за управување со отпад, а останатите кои се активни и ги користат општините за отстранување на отпад не ги исполнуваат минималните технички мерки и условите за да аплицираат за добивање дозвола и на тој начин практично работат како нестандардни или диви депонии.

  • Во моментов се прави програма за нивно затворање и отворање на регионални депонии. Веќе во источниотниот и североисточниот регион е направена и проценка за средствата, но и за начинот на кој тие ќе бидат отстранети и затворени, како и каде и колку ќе бидат активни до формирањето на новите регионални депонии. Паралелно тече проект за Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот и Југозападниот регион - рече Каранфилова Мазневска.

Законот, потенцира, ќе предвидува и измени  на начинот на плаќање на сметките за комунален отпад и оној што помалку создава отпад помалку ќе плаќа.

  • Во рамките на постоечкиот закон донесена е методологија за форимрање на цената за управување со комуналниот отпад од собирање на  местото на создавање, селекција, транспорт, третман на отпадот, депонирањето и грижата за депонијата кога ќе престане да работи. Оваа методологија е донесена уште во 2013 година и општините имаат обврска да ја имплементираат и да ја формираат цената - рече Каранфилова Мазневска.

Прецизира дека е логично кој помалку создава отпад помалку да плаќа за негов третман и додаде дека со измените на начинот на плаќање компаниите помалку ќе плаќаат, но не и граѓаните, бидеќи количините на отпад по семејство во Македонија се зголемуваат наместо да се намалуваат.

Во Македонија, посочи, се третира и извезува отпадот, но се уште нема препработка на отпад.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS